![](https://kotizacija.com/wp-content/uploads/2025/02/Alergologija-2025-web-kotizacija-01-1130x650.jpg)
Почитувани колеги,
Ми претставува голема чест и задоволство, во името на Македонското здружение за алергологија и клиничка имунологија (МЗАКИ) да ви посакам добредојде на Седмиот симпозиум на здружението, што ќе се одржи од 12 до 14 септември 2025 година, во хотел DoubleTree by Hilton – Скопје.
Симпозиумот ќе се одржи заедно со Здружението на лекари од општа медицина-семејна медицина (ЗЛОМ-СМ) заради постоење на долгогодишна потреба од поинтензивна взаемна соработка. Во секојдневната пракса се јавува потреба не само од комуникација туку и од тесна соработка помеѓу лекарите од општа и семејна медицина и клиничките доктори, а во интерес на нашите пациенти.
Освен лекарите од општа и семејна медицина на овој симпозиум ќе земат учество пулмолозите и алерголозите и сите други сродни специјалности чијашто секојдневна активност длабоко се испреплетува со алергологијата и клиничката имунологија како што се: педијатрите, интернистите, специјалистите по ОРЛ, имунолозите, дерматолозите, офталмолозите и други.
Главни теми на симпозиумот се: имунизацијата, примената на антибиотиците кај децата и возрасните, пневмониите, алерголошките болести, пулмоналната тромбоемболија и дерматолошките болести. На овој симпозиум ќе бидат организирани две панел дискусии посветени на астмата и ХОББ во коишто од различни аспекти ќе се разгледаат овие болести.
Симпозиумот е продолжение на повеќегодишната традиција на здружението да ја информира пошироката медицинска јавност за најновите препораки во дијагностицирањето и лекувањето на голем број болести коишто заеднички се третираат од гореспомнатите специјалности
Исто така, на овој симпозиум колегите ќе можат да разменат искуства за најновите научни и професионални достигнувања во областа на алергологијата и клиничката имунологија.
Се надевам дека и овој пат, седмиот симпозиум на здружението ќе ги исполни вашите стручни очекувања.
Проф. д-р. Дејан Докиќ
Претседател на МЗАКИ
Почитувани колеги
Здружението на лекари по општа-семејна медицина со големо задоволство најавува дека ќе биде дел од Седмиот Симпозиумот на Македонското здружение за алергологија и клиничка имунологија (МЗАКИ) кој ќе се одржи од 12 до 14 Септември 2025 година во хотел DoubleTree by Hilton – Скопје.
Одлуката за заеднички настан е донесена поради потребата за продлабочена соработка помеѓу семејните лекари и пулмолозите а се со цел размена на искуства но и подобра грижа за нашите пациенти. Оваа потреба се појавува и поради се поголемиот број на респираторни инфекции но и поради аерозагадувањето во нашата земја , кое пред се ги погодува пациентите со хронични белодробни заболувања но влијае и на останатата популација.
Главни теми на симпозиумот се: имунизацијата, примената на антибиотиците кај децата и возрасните, пневмониите, алерголошките болести, пулмоналната тромбоемболија и дерматолошките болести. На овој симпозиум ќе бидат организирани две панел дискусии посветени на астмата и ХОББ во коишто од различни аспекти ќе се разгледаат овие болести.
Симпозиумот е можност за размена на искуства за пулмолошките заболувања помеѓу специјалистите и од другите специалности.
Со задоволство Ве поканувам и Ве очекувам да се дружиме на Седмиот Симпозиумот на Македонското здружение за алергологија и клиничка имунологија (МЗАКИ)
Д-р сци. Драган Ѓорѓиевски
Претседател на ЗЛОМ СМ
Потпретседател на Европска Унија на семејни лекари (УЕМО)