
Почитувани колеги, пријатели и соработници,
Со особена чест и задоволство Ве поздравуваме и Ви посакуваме срдечно добредојде на 12ти Македонски Конгрес за гастроентерологија и хепатологија со меѓународно учество, кој оваа година ќе се одржи во Скопје, во текот на три дена исполнети со знаење, професионализам и соработка.
Конгресот ќе биде можност за обединување на истакнати домашни и меѓународни експерти, кои ќе споделат најнови сознанија и искуства од различни области на гастроентерологијата и хепатологијата – вклучувајќи гастроинтестинална ендоскопија, ендоскопски ултразвук, дигестивна онкологија и хирургија. Програмата е внимателно конципирана за да ги опфати најактуелните теми од современата дијагностика и третман, со посебен фокус на комплексни дијагностички и терапевтски процедури.
Во рамките на Конгресот ќе се одржи и II Симпозиум за ендоскопски сестри, проследен со практична ендоскопска работилница, овозможувајќи интердисциплинарна размена на знаење и унапредување на тимската работа во гастроентеролошката практика.
Особено сме горди што покрај излагањата на поканетите предавачи, Конгресот нуди простор и за учество на колеги кои ќе се претстават со свои научни трудови, во форма на абстракти, придонесувајќи за богатата и интерактивна научна програма.
Уверени сме дека овој настан ќе претставува инспиративна платформа за размена на искуства, градење на нови професионални пријателства и заедничко стремење кон повисоки стандарди во гастроентерологијата и хепатологијата.
Ви благодариме што сте дел од овој значаен настан и Ви посакуваме успешна и плодна работа!
Добредојдовте во Скопје!
Со почит,
Организацискиот одбор на XII Македонски Конгрес за гастроентерологија и хепатологија