Почитувани колеги, соработници, пријатели,
Со особена гордост истакнувам дека денес, за прв пат во Македонија, се формира нова асоцијација посветена на абдоминалната хирургија.
Овој значаен момент означува нова ера на соработка и напредок во нашиот професионален развој. Нашата цел е да обезбедиме платформа за размена на знаења, искуства и ресурси, што ќе доведе до унапредување на квалитетот на хируршката нега во нашата држава.
Дозволете ми на почетокот како претседател на здружението да ви се заблагодарам што ќе присуствувате на нашиот Прв Симпозиум на Македонската асоцијација на абдоминални хирурзи (MAAS) и Четвртиот состанок на WEB Chapter на E-AHPBA кој ќе се одржат на 28-29.03.2024 г. во Хотел DoubleTree by Hilton во Скопје, и ја имам таа чест и задоволство да ве поздравам во името на сите наши членови и поддржувачи.
Овој симпозиум претставува важен чекор во развојот не само на нашето здружение туку и во унапредувањето на абдоминалната хирургија во Македонија. Ние сме тука не само да споделиме наши знаења и искуства, туку и да поттикнеме интернационална соработка и иновации во областа на абдоминалната хирургија.
На овој настан ќе имаме можност да слушнеме предавања од престижни експерти, како и да учествуваме во конструктивни дискусии кои ќе го унапредат нашето разбирање и пракса. Верувам дека со заеднички напори можеме да постигнеме многу и да направиме значајни подобрувања во квалитетот на хируршката нега во нашата држава.
Ви посакувам успешен симпозиум и ве охрабрувам активно да учествувате и разменувате идеи.
Ви благодарам.
Проф. д-р Светозар Антовиќ, FACS
Претседател на Македонската асоцијација на абдоминални хирурзи
Декан на Медицински Факултет,
Универзитет Св. Кирил и Методиј, Скопје, Република С Македонија