Почитувани колеги,
Ми претставува голема чест и задоволство, во името на Македонското здружение за алергологија и клиничка имунологија да ви посакам добредојде на Шестиот симпозиум „Новини во алергологијата и клиничката имунологија“, што ќе се одржи од 21 до 24 септември 2023 година, во хотел Дрим Струга.
Симпозиумот е посветен на алергологијата и клиничката имунологија. Традиционално на овој Симпозиум ќе земат учество не само пулмолозите и алерголозите туку и сите други сродни специјалности чијашто секојдневна активност длабоко се испреплетува со алергологијата и клиничката имунологија како што се: дерматолозите, специјалистите по ОРЛ, педијатрите, специјалистите по медицина на трудот, офталмолозите и други.
Главни теми на симпозиумот се: примената на антибиотиците кај возрасните и децата во лекувањето на горно и долно респираторните инфекции, ретки болести, алерголошките болести, пулмолошките болести, педијатриските и дерматолошките болести како и професионалните болести коишто се третираат од специјалисти по медицина на трудот.
Симпозиумот е продолжение на повеќегодишната традиција на здружението да ја информира пошироката медицинска јавност за најновите препораки во дијагностицирањето и лекувањето на голем број болести коишто заеднички се третираат од гореспомнатите специјаности
Исто така, на овој Симпозиум колегите ќе можат да разменат искуства за најновите научни и професионални достигнувања во областа на алергологијата и клиничката имунологија.
Се надевам дека и овој пат, Симпозиумот ќе ги исполни вашите стручни очекувања.
Со почит
Проф. д-р Дејан Докиќ
Претседател на МЗАКИ
Почитувани колеги,
Во името на Здружението на пулмолози на Република Македонија – ЗПРМ, чест ми е да Ве поканам да учествувате на Првиот симпозиум „Новини во пулмологијата 2023“ кој ќе се оддржи од 21 до 24 септември 2023 година во хотел Дрим, Струга.
Би сакал да се заблагодарам на претседателот на МЗАКИ, Проф. Д-р Дејан Докиќ за идејата и поканата овие две здруженија да имаат заедничка презентација поради блиската и комплементарна патологија која е предмет на нашиот стручен интерес.
Во тек на Првиот симпозиум „Новини во пулмологијата 2023“, преку пленарни предавања и постер презентации, ќе се обработат научни и клинички аспекти на дел од респираторните заболувања и сигурен сум дека истите ќе предизвикаат интерес за Ваше активно учество.
Се надевам дека во релаксирана и неформална атмосфера ќе имаме доволно време да размениме стручни искуства и да оствариме нови пријателства.
Ви посакувам пријатен престој и успешна работа.
Со почит,
Асс. М-р сци Д-р Зоран Арсовски
Претседател на ЗПРМ