Почитувани колеги,
Ми претставува голема чест и задоволство, во името на Македонското здружение за алергологија и клиничка имунологија да ви посакам добредојде на Шестиот конгрес на здружението со меѓународно учество, што ќе се одржи од 26 до 29 септември 2024 година, во хотел DoubleTree by Hilton – Скопје.
Конгресот е посветен на алергологијата и клиничката имунологија. Традиционално на овој Симпозиум ќе земат учество не само пулмолозите и алерголозите туку и сите други сродни специјалности чијашто секојдневна активност длабоко се испреплетува со алергологијата и клиничката имунологија како што се: дерматолозите, специјалистите по ОРЛ, педијатрите, специјалистите по медицина на трудот, офталмолозите и други.
Новина е тоа што оваа година на Конгресот ќе учествуваат и колеги од Националното алерголошко здружение на Р.Србија, што претставува извонредна можност за плодна размена на мислења, искуства и визии во врска со темите кои ќе бидат опфатени. На младите лекари оваа година ќе им биде дадена можност да се претстават со свои предавања и презентации на случаи во посебна сесија.
Главни теми на конгресот се: примената на антибиотиците кај возрасните и децата во лекувањето на горно и долно респираторните инфекции, ретки болести, алерголошките болести, пулмолошките болести, педијатриските и дерматолошките болести.
Конгресот е продолжение на повеќегодишната традиција на здружението да ја информира пошироката медицинска јавност за најновите препораки во дијагностицирањето и лекувањето на голем број болести коишто заеднички се третираат од гореспомнатите специјалности
Исто така, на овој Конгрес колегите ќе можат да разменат искуства за најновите научни и професионални достигнувања во областа на алергологијата и клиничката имунологија.
Се надевам дека и овој пат, Шестиот конгрес на здружението ќе ги исполни вашите стручни очекувања.
Проф. д-р. Дејан Докиќ
Претседател на МЗАКИ