Почитувани колеги и соработници,
Ни претставува огромна чест и задоволство во име на Македонското невролошко здружение, и Невролошката секција на медицински сестри при ЗМСТАМ, да Ве поканиме на Третиот симпозиум на Македонското невролошко здружение и Првиот конгрес на Невролошката секција на медицински сестри при ЗМСТАМ, насловен „Новини во третманот и здравствената нега кај невролошки болни“, со меѓународно учество. Стручниот настан ќе се одржи од 8 – 11-ти Јуни 2023 година, во Струга.
Симпозиумот е посветен на невролози, но и на сродни медицински гранки чии области се испреплетуваат во секојдневата пракса со невролошката област. Симпозиумот произлезе како надоврзување на предходниот симпозиум кој се одржа во Мај 2022 год. во Струга, а на кој се начнаа многу теми и истите побудија интерес за последователно разрешување на дилеми но и како можност за размена на искуства за најновите научни и професионални достигнувања во неврологијата.
Како главните теми на Симпозиумот се раната невролошка дијагностика, како многу важен сегмент за навремено дијагностицирање, прогноза, одлука за третман и следење на невролошките болести (церебро- васкуларни болести, мултипла склероза, невродегенеративните болести, болните синдроми, ретките невролошки болести итн.
Сесиите посветени на најновите упатства од Европското здружение по неврологија, исто така ќе го најдат своето место на Симпозиумот
Првиот конгрес на Невролошката секција при ЗМСТАМ е наменет за медицинските сестри вклучени во невро науката, како и останатите здравствени работници и соработници чие поле на работа е поврзано со неврологијата и невро науката.
Како главна тема на првиот конгрес на медицинските сестри е: Невро-нега во пост ковид ера.
Симпозиумот и Конгресот е составен од сесии со учество на домашни и меѓународни експерти, сателитски симпозиуми посветени на одредена тема, усни и постер презентации во областа на неврологијата.
Проф. д-р Драгана Петровска Цветковска
Претседател на Македонското невролошко здружение